Од судот во Струмица го известиле Основниот суд Скопје 1 дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во понеделникот не се јавил во судот во Струмица во предвидениот термин, информираат од Кривичниот суд. Оваа мерка на претпазливост, односно секој понеделник да се јавува во судот, Заев ја доби како еден од обвинетите во случајот „Пуч“.
„Воедно судијата на претходна постапка при Основниот суд во Струмица го извести Основниот суд Скопје 1 – Скопје дека на 06.07.2015 година во 9:25 часот бил исто така известен од секретарот на Општина Струмица, дека г – динот Зоран Заев тој ден нема да се јави во судот. Исто така секретарот на општина Струмица не дал никакво оправдување ниту образложение за неговото отсуство и истото е наведено во известувањето кое го добивме“, се наведува во соопштението.
Оттаму објаснуваат дека ова известување е доставено до надлежниот судија на претходна постапка кој ја издал мерката за претпазливост.
„Судијата во моментов користи денови на редовен, планиран годишен одмор, а по неговото враќање соодветно ќе постапува по ова известување“, велат од Кривичниот суд.