ВМРО ДПМНЕ: Ниту ќе прифатиме смена на премиер, ниту смена на министри!

by Фокус

Во досегашниот тек на преговорите ВМРО-ДПМНЕ направи многу отстапки за компромис и нема простор за нови, особено во делот на организација на Владата, се вели во соопштението од оваа партија.

Промена на министри и премиер е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати.

– Во досегашниот тек на преговорите ВМРО-ДПМНЕ беше крајно конструктивна страна и направи многу отстапки во правец на изнаоѓање на компромисно решение за политичката состојба. ВМРО-ДПМНЕ во понатамошните разговори нема простор за нови отстапки, особено не во делот на организација на Владата за подготовка на наредните избори. Второ, односот на СДСМ во преговорите беше неодговорен и со јасна желба истите да не успеат заради најмалку две цели. Првата цел на СДСМ е да нема избори во април 2016 година бидејќи се свесни дека ги очекува тежок пораз. Втората цел на СДСМ е политичката криза да предизвика економска криза, што СДСМ го гледа како свој партиски интерес и надеж за успех, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, се посочува во него, политичката штета од негативните извештаи од меѓународните организации, како и можното губење на препораката за започнување на преговори со ЕУ е на листата на цели на СДСМ.

– За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да учествува на преговори доколку и се додека СДСМ, со илегално стекнати и монтирани материјали на прес-конференции ја манипулира јавноста, истакнуваат од партијата.

Соопштението на ВМРО ДПМНЕ доаѓа само неколку часа откако комесарот Хан најави дека на почетокот на следната недела ќе дојде во Скопје за да го забрза дијалогот и конечно да се постигне договор.

Тоа, со ваквите позиции на двете партии ќе биде многу тешко, речиси невозможно.

Поврзани новости