Заев: Не се мешам во одлуката на Пендаровски за Муслиу, но ставот на ДУИ е вреден за внимание

by Фокус

Претседателот Стево Пендаровски ме консултираше во однос на прашањето за нов директор на Агенцијата за разузнавање, но како и да одлучи јас ќе ја почитувам неговата одлука, вели премиерот Зоран Заев. Во интервју за МДК, тој вели дека слушнал добри зборови за новиот директор на агенцијата Ерол Муслиу како професионалец, меѓутоа воедно додава дека и критичниот став на ДУИ кон ова кадровско решение е демократско право вредно за внимание.

-Со должна почит кон себе, кон партијата, па и кон опонентите, секогаш давам за право да констатирам – тоа е демократија. Правото на нивен коментар во делот на директорот на Агенција за разузнавање е право што е вредно за внимание. Нормално, ќе разговараат со претседателот на државата. Имаат одлична соработка, тие се еден од поддржувачите директно во кампањата на сегашниот претседател на државата Пендаровски и верувам дека ќе разговараат и за сè постои решение. Ќе најдат решение. Треба да ги кажат аргументите – вели Заев.

Тој потсетува дека ДУИ е политички фактор без кои не можеше да се направи влада по последните парламентарни избори.

-Граѓаните им дадоа 49 пратеници на СДСМ и коалицијата, на ВМРО-ДПМНЕ 51. Тоа се нашите граѓани и тие со својот глас не упатија кој со кого треба да соработува.  Едноставно опцијата е токму таа што ја имаме на располагање. Но она што треба да биде заклучок е дека постојат прво одговорни личности во сите политички субјекти, јас во СДСМ, таму во ДУИ е Али Ахмети. Разговарам со него и ќе најдеме решение затоа што имаме голема доверба како партнери, поминавме сериозни процеси, донесовме сериозни одлуки и знам дека ќе најдеме решение за кадровските прашања – вели премиерот.

Поврзани новости