Додека речиси сите наши соседи масовно го вакцинираат своето население, Македонија е се уште на почетокот на вакцинацијата, а први се вакцинирани само дел од здравствените работници.
Најавените 200 илјади кинески вакцини се уште ги нема, а со тоа расте и револтот кај јавноста за набавката на вакцините. Први на удар се надлежните институции, кои велат дека има недостаток во производството на вакцини.
„Не се работи за наша несериозност во набавката на вакцините. Едноставно, има недостаток во нивното производство. До крајот на март ќе добиеме 21 илјади вакцини од Фајзер, а потоа следуваат и кинеските, вакцините од Русија. Апелирам дека сите треба да се вакцинираме, да ги следиме упатствата на експертите и здравствените работници“, истакна премиерот Зоран Заев на новинарско прашање.