Не мора чочек и оро, фолкерите можат и класична музика да свират, како на западно-европските свадби, бараат од ЗЕУМ

by Fokus 11:37
11:37

Да нема оро, туку само танц за младоженците на почеток на свадбите, гости во органичен број, персонал со маски и работно време до 21 часот – ова е дел од протоколот за работа, изготвен од страна на претставниците на ресторани за свадби, кои бараат Комисијата да ги прифати нивните барања, и да се дозволи организирање на семејни свечености. Сепак, музичарите не се задоволни од предложеното, бидејќи и тие се надеваат на зелено светло за жива музика на свадбите, кои за повеќето од нив се основен извор на егзистенција.

Претседателот на Здружение на естрадни уметници на Македонија (ЗЕУМ), Горјан Стојановски во разговор за ,,Фокус” појаснува дека веќе испратиле писмо до Комисијата за заразни болести, во кое бараат средба на која ќе се најде решение за проблемот. Вели дека во ред е да не се игра оро и да нема фолк музика за време на настаните, а предлага свадбите да се одвиваат со изведба на класична и евергрин музика, како што е случај во повеќето развиени европски земји.

- Advertisements -

-Ова е одлична година за оние кои сакаат да им е поразлична свадбата и оние кои не сакаат да има народно. Ако не може да се играат ора и чочеци, тоа не значи дека не треба воопшто да нема никаква музика. Па, има различни типови на музика, амбиентална, акустична музика за време на ручек /вечера, коктел музика, инструментална класична и евергрин музика за прием на гости, отприлика како што се прават во сите западно-европски земји, а верувајте дека и се почести се таквите свадби во последно време, а посебно оние кои веќе живеат во странство или е мешан брак. Така да, начини има, само треба од Комисијата за заразни болести да нѐ сослушаат, односно да се консултираат со професионалци од браншата. Кога ќе се создаде атмосфера тие самите ќе увидат и треба да ја тргнат забраната. Ние веќе имаме пратено писмо за средба со нив и чекаме одговор – вели Стојановски.

Додава дека на фолк музичарите воопшто нема да им биде проблем да свират класична, односно амбиентална музика, бидејќи тие имаат богат репертоар и без проблем ќе се вклопат во било која ситуација. Посебно сега, кога се тешко погодени од актуелната забрана, дури и да не знаат, ќе научат.

-Очекуваме Комисијата да покаже разбирање за нас, и после Велигден да се дозволат настапи и настани. Јас зборувам во име на ЗЕУМ, доколку не наидеме на разбирање од страна на Комисијата, не би можел да кажам кој ќе биде нашиот следен чекор, бидејќи мора да се запази демократското право и мислењето на другите здруженија кои не се во сојуз со нас – изјави Стојановски.

По вчерашниот предлог на угостителите, да нема оро на свадбите, голем број на музичари реагираа на социјалните мрежи, испраќајќи порака дека се исклучени од целата ситуација, а спаѓаат во најтешко погодената бранша.

Вики Клинчарова

Поврзани новости