Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска не се појави во Кривичниот суд каде што му се суди за случајот „Поткуп“, бидејќи како што појаснија неговите адвокати заминал во Сараево, каде што треба да му биде доделена награда за најградоначалник во Југоисточна Европа. Поради тоа, судијата Дијана Груевска -Илиевска го одложи денешното рочиште и закажа ново судење на трети април.
Во судница денеска се појави обвинителот Владимир Милошевски за кој одбрана на минатото рочиште спореше дека не треба да седи во судница, бидејќи му е истечен мандатот за обвинител во Одделението за организран криминал. Според најновите информации, мандатот на Милошевски бил продолжен, а вакавата одлука адвокатот Јаким Наумов ја оцени како преседан, бидејќи како што рече, досега не е пракса по втор пат да му се продолжи мандат на обвинител во одделението за организиран криминал.
На судењето денеска не дојде обвинителот Златко Биковски, кој требаше да го менува Милошевски. Одбраната на Заев на минатото рочиште поднесе барање за изземање на Биковски, бидејќи според нив учествувал во монтираниот процес против Заев, „Пуч“. Републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски го одбил нивото барање, а останува нејасно дали на наредното рочиште ќе се појави како засилување на Милошевски.
Валентина Вурмо