Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека размислува и за реконструкција на владиниот кабинет, но и зголемување на бројот на парламентарното мнозинство.
-Да, прво ќе има реконструкција. Јас им упатив порака да се поправат, во спротивно ќе бидат сменети. Апсолутно ако некој заслужува смена веднаш тоа се прави. Без разлика дали е од пониските ешалони или од повисоките. Очекуваме секако да се случуваат и реконструкции и промени во соодветни временски периоди кога се прават рекапитулари од секој можен аспект. Огромен е бројот на луѓе во Владата кои и знаат и се трудат. Исто така голем е бројот на луѓе во Владата кои што многу се трудат, а не знаат, но се трудат и да научат. Има еден дел кои што ниту знаат, ниту се трудат. Јас апелирам до сите. Ние сме сервис на граѓаните, поради тоа сме поставени, да се посветиме максимално на потребите на граѓаните. Ова кое што го имаме добиено од нив е чест и одговорност, која што немал секој можност да ја добие. Од тој аспект навистина апелирам до сите, за навистина максимално и посветено извршување на своите задачи – истакна Заев.