Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека ќе биде поднесена кривична пријава против министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, поради масовното групирање што се случи на литијата во Струга.
-МВР однапред знаело дека се подготвува овој настан, беа претходница на случувањата, а тоа не смееше да се случи бидејќи има забрана за групирање. Се работи за принцип, санкциите се применуваат за да не се повторат прекршувањата – рече Заев.
Тој потсети дека СДСМ и премиерот Оливер Спасовски побарале оставка од Чулев, бидејќи тој бил единствено надлежен да ги санкционира случувањата со литијата во Струга.
-Државата не ги затвори верските објекти, туку воведе рестриктивни мерки да не смеат граѓаните да се групираат. Мерките мора да ги почитуваат сите, бидејќи никој не е над законот, законите важат за сите подеднакво – порача лидерот на СДСМ.