Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска беше гостин на вестите на Канал 5, а интервјуто го водеше уредничката Лидија Богатинова. Таа му поставуваше тенденциозни прашања и го напаѓаше, а запрашан за таканаречната „Фабрика за афери“, Заев рече дека тоа е пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.
-Истрагата ќе покаже штое вистината овде. Доколку ние сме фалсификувале, тогаш ние ќе победевме на изборите. ВМРО-ДПМНЕ победува со фалсификати, МВР печатело фиктивни лични карти, има признание за тоа, одговори Заев.
Заев повтори дека Канал 5 се однесува како поголем политички непријател отоколку нивниот конкурент ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека на оваа телевизија изјавите на Груевски се емитуваат по пет пати на ден. На ова, Богатинова рече дека и СДСМ била застапена и го обвини Заев дека тој дошол на вестите на Канал 5, бидејќи некој му наредил. Кога Заев ја праша кој, таа не одговори.
Богатинова потоа истакна дека Владата донела инвеститор за порцеланка и го праша Заев дали СДСМ некогаш ќе отвори такви фабрики.
-Во Струмица има веќе отворени 5000 работни места, но вистинската мерка е да се помогне на домашниот сектор, директно да се инвестира во нашите компании, државата да вбризга пари, зашто профитот останува овде, а конечната цел еда се крене просекот на платите, одговори претседателот на СДСМ.
На обвинувањето од Богатинова дека се зборувало дека Заев не сака да има избори поради лошите резултати на анкетите, Заев одговори дека опозицијата се изборила за предвремени избори, но тие мора да бидат чисти и демократски.
-Да потсетам дека ние, опозицијата се изборивме за предвремени избори, а да потсетам и дека Бајден кажа дека мора да има континуирана имплементација на Пржино. Тоа значи целосно спорведување на императивот, не избори колку за избори, туку фер, чисти и демократски . Не и треба на Македонија нова кражби на изборите, не и требаат повторно лоши избори. Има делови кои се завршени од Пржино, но проверката на избирачкиот список и медиумите се обврски и пред договорот од Пржино, рече Заев.