Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, во Њујорк имаше одделни средби со претседателот на ОМД, Мето Колоски и со претставници на Обединетата македонска дијаспора, како и со претставници на Форумот за демократска Македонија.
Премиерот Заев, во рамките на оваа средба, се обрати и пред нашите иселеници на приемот што го организираше Форумот, со цел поддршка на заложбите на Владата на РМ за активирање на дијаспората во развојот на Македонија.
И ОМД и Форумот за демократска Македонија изразија интерес и поддршка за активирање на дијаспората во економскиот напредок на Македонија, како и во отворањето на евро-атлантските перспективи на државата.
-Со вашите контакти можете многу да придонесете за поврзување на заинтересираните инвеститори и сопственици на претпријатија во Македонија. Владата се определи за отворање можности и е подготвена да биде партнер со дијаспората која може да и помогне на Република Македонија, а притоа, секој од нашите во дијапсората, да има и лична мотивација да работи или да соработува во, или со земјата од којашто потекнува, рече премиерот Заев на оваа средба.
Претставниците на Форумот за демократска Македонија, изразија поддршка за ваквите владини политики и оценија дека новата реформска влада во Македонија отвора големи можности за граѓаните во Македонија, како и за вклучување на дијаспората.