650
Премиерот Зоран Заев, заедно со членовите на делегацијата: заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска, денеска во Брисел имаше средба со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија која е претседавач со ЕУ во актуелниот мандат.
Премиерот Заев на средбата изрази благодарност за напорите што ги прави Португалија за да се искористи овој момент и да се постигне решение кое ќе го деблокира евроинтеграцискиот процес за Северна Македонија.
Тој му ја пренесе на министерот за надворешни работи на Португалија Силва пораката на единство на Македонците, Албанците и на сите други заедници во Северна Македонија околу процесите за европеизација на земјата во сите сфери на општеството како наша обврска во постигнување на европските стандарди и дека земјата ги исполнила сите критериуми, потврдени и во извештаите на Европската Комисија и дека сега Брисел е на потег да испорача организирање на меѓувладината конференција за почеток на пристапниот процес.
-Сите сме единствени, европеизацијата треба да оди без обиди за загрозување на македонскиот идентитет и сите граѓани на Северна Македонија, без разлика на која етничка заедница припаѓаат, се единствени по ова прашање, нагласи премиерот Заев на средбата со министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва.
Како што информира владината прес-служба, министерот за надворешни работи Аугусто Сантош Силва за време на разговорот со нашата делегација соопшти дека Португалија, како актуелен претседавач со ЕУ, има амбиција да ја одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија под португалско претседателство.
Тој додаде дека, Португалија, како претседавач со ЕУ се залага за заеднички почеток на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и Албанија и дека одвојувањето не е решение, и дека нешто такво ќе создаде негативни консеквенции во целиот Западен Балкан.
Министерот Силва уште го информираше премиерот Заев дека Португалија, како и другите земји членки на ЕУ се против вметнување на билатералните прашања во преговарачката рамка.