Заев на средба со амбасадорката на ОБСЕ: Ние ја поддржуваме реформската Влада

by fokus

На денешната средба на премиерот Зоран Заев и амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, се разговараше за имплементацијата на широк спектар на реформи согласно принципите и заложбите на ОБСЕ, како и за нивната поддршка кон новата реформска влада.

„Го уверив премиерот дека земјата може секогаш да смета на поддршката на поширокото семејство на ОБСЕ – Мисијата, Претседателството, ОДИХР, Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите и Високиот комесар за национални малцинства – во процесот на реформи“, изјави Суомалаинен.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја поздрави намерата на премиерот Зоран Заев да води реформска влада која ќе работи во интерес на сите граѓани. Суомалаинен му ја пренесе на премиерот Зоран Заев подготвеноста на Мисијата на ОБСЕ во Скопје да ги поддржува реформите во рамките на мандатот на Мисијата, имено владеењето на правото, полицијата, изборите, јавната администрација, слободата на медиумите и меѓуетничките односи.

„Формирањето на новата Влада е можност за имплементација. Верувам дека сега е време да се надминат предизвиците и да се посвети внимание на натамошниот напредок“, се вели во соопштението на Мисијата.

Денешниот состанок со премиерот Заев беше прв од низата состаноци на шефицата на Мисијата на ОБСЕ со новата администрација. Состаноците имаат за цел да ја реафирмираат посветеноста и поддршката на ОБСЕ кон националните институции во спроведувањето на реформите, соопштија од ОБСЕ.

Поврзани новости