Во повеќе од шестотини основни и средни училишта во земјава, денеска почна настава со физичко присуство со спроведување на здравствени протоколи. Во најголем дел од училиштата, со физичко присуство настава следат учениците до трето одделение, а во повисоките одделенија ќе учат онлајн од дома.
Премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска за почетокот на учебната 2020/2021 година го посетија скопското основно училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош од каде што упатија пораки за успешна настава за учениците и наставниците.
По посетата на училиштето, премиерот изјави дека во „Коменски“, а уверен е, како што рече, дека така е во сите други училишта, подготвено ја почнуваат учебната година и дека сите мерки и протоколи за настава со физичко присуство се исполнети и се набавени термометри, средства за дезинфекција и сите се запознати за новите услови за одржување на наставата.
-Овој е посебен ден што децата, првачињата ќе го паметат целиот свој живот. Сепак, оваа школска година не наликува на ниту една од претходните. Поради корона вирусот во училиштата ќе се спроведуваат мерки за заштита на здравјето на децата и на наставниците. Да бидеме солидарни и да покажеме разбирање во целиот овој процес. Ако сите се придржуваме до мерките, полесно ќе ја поминеме оваа училишна година и на тој начин ќе се погрижиме таа да биде единствена и последна ваква година. Што се однесува на онлајн-платформата, беа тестирани и детектирани сите работи што требаше да бидат коригирани за да се надминат сите предизвици, изјави Заев.
Нагласи дека првпат во државата се воспоставува, како што рече, ваков гломазен онлајн-систем и дека ќе се вложат максимални наспори се да се спроведе без или со најмалку можни проблеми кои ќе се надминуваат во континуитет, порачувајќи – сите сме заедно во ова и секоја соработка и поддршка од родителите, наставниците и учениците е добредојдена.
Посебна порака упати до наставниците кои, како што рече, во услови на пандемија добиваат уште една плус обврска и одговорност, но е уверен дека благородноста на оваа професија ќе биде доволно силна и оваа нова грижа за децата и за себеси ќе ја практикуваат на најдобар начин.