Заев: На Мицкоски и на опозицијата можам да им држам лекции до сабајле за економијата

by fokus

Во одговор на речиси секојдневните напади од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека во Владата има „многу политика, малку економија“, дека земјата е изложена на „економско цунами“ на депресија и на нови задолжувања“, премиерот, Зоран Заев во интервју за МИА објаснува дека за некои работи се согласува со Мицковски, особено во делот на реформите. Вели дека со него се договориле и мисли дека може да најдат заеднички прифатливи решенија за прашањата од национален интерес.

-Но, кога зборува за економијата, мислам дека не се снаоѓа најдобро. Република Македонија беше во минус. Беше урнисана држава, финансиски комплетно разнебитена. Имајќи го сето тоа предвид, досега ние успеавме да го стабилизираме буџетот на државата, да постигнеме раст на економијата, платите почнаа да растат. Без разлика кој како ќе го сфати ова, меѓутоа за овие прашања можам да им држам лекции на Мицковски и на опозицијата до сабајле, па и повеќе. Најголем дел од времето го посветувам на економските прашања, меѓу другото и затоа што сум економист. Јас имам добар министер за надворешни работи, добар министер за евроинтеграции кои ги тераат тие процеси, за кои не треба да се заборави дека имаат големи врски и со економијата, и со нив заедно ги конципиравме и комплетиравме нашите стратешки позиции кога се во прашање меѓународната политика и евроинтеграциите. Затоа мене ми останува голем дел од времето да го посветам на најважното прашање од интерес на граѓаните, економијата, вели Заев.

Како Влада,вели, ќе ги реализираат сите економски проекти што ги зацртале, а за кои во изминатиов период работеле на сета потребна документација, услови и логистика, за да можат да се остварат на најдобар можен начин. Со реализацијата на овие стратешки економски проекти, смета, Македонија влегува во пролетна економска офанзива.

-И на крајот, дозволете ми да ви дадам аргументи за да се направи паралела: За сите 11 години од владеењето на претходната власт, и поттрошените пари од 250 милиони евра за реклами за медиуми, за промотори, за роуд шоуа, дојдоа 23 странски инвеститори. И тоа е добро. Но, ние, за 10 месеци, без ниту еден денар за реклами или за роуд шоуа, потпишавме договори со 10 големи компании, странски инвеститори. Пред потпишување сме на уште осум нови, од кои три се домашни компании бидејќи поддршката за инвестиции сега важи поеднакво и за домашните компании. Преговараме со приближно 200 компании, и тоа не е само заради тоа што само имаше промена на власта.

Според него, проекциите на економски раст, на консолидацијата на буџетските приливи, на Владата ќе и овозможи реализација на ослободувањето од партиципацијата за болничко лекување за сите граѓани. Граѓаните заштедија 11,4 милиони евра само од евтината тарифа на струјата. Им заштедивме 12,4 милиони евра на граѓаните со укинувањето на радиодифузната такса. Спиралата на растот на платите што ја активиравме со покачувањето на минималната плата, доведе до раст на просечната плата за 5,6 отсто, нешто што не се случило од 2010 година. Убеден сум дека не до крајот на мандатот, како што ветивме, туку до крајот на 2019 година просечната плата ќе ја доведеме до висина од 500 евра.

-Да завршам, лекција од економски план Мицковски може да добие кога сака, изјави Заев.

Поврзани новости