Нашиот белег како партија беше и се уште е никогаш да не калкулираме со политичкиот рејтинг кога станува збор за националните прашања, порача претседателот Зоран Заев во своето обраќање на 26. Конгрес на СДСМ.
Заев истакна дека СДСМ не ги туркаше под тепих најтешките проблеми, туку напротив, СДСМ се вложи во целост и го поведе народот кон решавање на повеќедецениските прашања кои ја загрозуваа иднината на земјата.
-Со храброста на раководството и на членството на СДСМ, со мнозинската волја на нашиот народ, ние станавме членка на НАТО Алијансата и сега ја водиме финалната акција за старт на преговорите со ЕУ. Ние градевме и изградивме цврсти темели, на вистински вредности во кои веруваме, чувајќи ја цврсто, сигурно нашата посебност, нашиот македонски идентитет. Ја зајакнувавме арматурата на нашата држава, ги јакнеме меѓуетничките односи преку концептот „Едно општество за сите“ и преку институции кои работат за граѓаните. Преку Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, ние ја потврдивме нашата искрена добрососедска намера кон сите. Република Северна Македонија ниту ќе провоцира, ниту ќе коленичи. Ние не сме проблем, ние решаваме проблеми!, посочи Заев.