Можеби денеска јас изгубив во прва судска инстанца, но ќе победам во конечна судска постапка, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев на својот фејсбук-профил.
– Правдата мора да победи и ќе победи. Најважно е што на среден рок добива Македонија затоа што со овој судски процес и со оваа пресуда уште еднаш се потврди контролата од страна на власта врз судство. Овој процес и оваа пресуда силно ќе придонесат да му дојде крајот на апсурдното секојдневие кое го живее нашиот народ. Борбата за слобода и демократија продолзува – порача Заев.
Судијката Весна Калковска денеска одлучи дека Заев го наклеветил премиерот кога на пресконференции и на митинзи за време на изборите велел дека Никола Груевски е таткото на криминалот во Македонија, дека зел во кеш 1,5 милиони евра од Газда Нини за „Македонска банка“ и дека поради тоа затаил данок од 225.000 евра.
Заев за ова треба да му плати 50.000 евра на Груевски. Премиерот првично бараше половина милион евра од лидерот на СДСМ, за вчера да се предомисли и да побара десет пати помала казна која судот на крајот му ја прифати.