Осум години (фазанов) лет во место

by lali

JaniНа 26.8 изминаа 8 години од доаѓањето на Никола Груевски за премиер на Владата на Република Македонија. Во општата апатија и депресија, и летно одморска еуфорија, овој датум остана надвор од каква било анализа и дебата. Единствено господинот Жарко Трајановски му посвети еден одлично фокусиран пост на Фејсбук. Помалку неочекувано, резиме за 8-годишното владеење на Груевски дојде од берлинската декларација и од изјавите на канцеларката Меркел: нерешавање горливи проблеми, економија која стагнира, загрозени слободи и права.

На вечерата според новинарите од регионот дознавме дека биле послужени фазани. Од нашите новинари таму не дознавме ништо, тие испратија еден ист текст подготвен од владино, а не од новинарско перо. Убава симболика им сервирала Меркел. Тие што биле во војска знаат дека има една вежба за загревање, која популарно се вика: фазанов лет, рипаш, шириш раце, ама тапкаш во место, исто како и Западен Балкан и Македонија. Осумте години на Груевски ќе ги опишам со 8 цитати од мандатарскиот говор на Груевски од крајот на август 2006-та.

1. Денес во земјата се живее многу тешко, а демократијата е на ниско ниво. Илјадници луѓе се без работа и се борат со сиромаштијата. Корупцијата и криминалот достигнаа невидени размери, демократските процеси назадуваат, голем број млади луѓе не гледајќи перспектива во земјата, заминаа во странство.

Денес во земјава не се живее тешко, туку ретко кој и живее. 230.000 млади луѓе се иселија, 176.423 македонски граѓани се со привремен престој само во земјите на ЕУ за 2011 година, а 56.506 Македонци добиле странско државјанство од 1998 година. По настаните од 24.12.2012 година, демократските процеси престанаа да назадуваат, зошто престанаа да постојат.

2. Ги повикувам сите граѓани и политички партии да работиме заедно за подобар стандард на живеење, за побезбеден живот, помалку убиства и криминал, поголема демократија и почитување на личните права и слободи.

По 8 години, Македонија никогаш не била поподелена, и тоа по сите основи. Вмровизацијата на општеството како со нож ја подели образовната и културната сфера, историјата стана алатка за пресметка. По 8 години влада на Никола Груевски, нема ниту слобода ниту, пак, почитување на личните права. Денес жената во Македонија го изгуби правото на одлука за сопственото тело, а провладините медиумски промотори и дел од партиските активисти се натпреваруваат кој повеќе зборови или камења ќе фрли врз ЛГБТ заедницата. Уставот се менува без опозиција заради „поголема демократија”, но и поголема стигматизација и кршење на човековите права и слободи. За каква демократија и почитување на личните права и слободи да зборуваме со ваква злоупотреба на лустрацијата?

3. Нашите нескриени амбиции се да ги почнеме преговорите за членство во текот на 2007 година, или барем во овој период да го добиеме датумот за почнување на преговорите, нешто што делумно ќе зависи од нас и делумно од состојбите внатре во ЕУ. Агендата кон Европската унија е јасна и ние се обврзуваме дека стриктно ќе ја спроведуваме Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а ќе ги следиме насоките од Европското партнерство и ќе ги реализираме сите препораки од Аналитичкиот извештај на Европската комисија. Сакам да потврдам дека ќе сториме сѐ што е потребно за до 2010 година да ги исполниме критериумите за членство, односно да ги завршиме нашите обврски.

Конференцијата во Берлин на 8-годишнината од доаѓањето на Груевски во Македонија упати пораки дека наводното исполнување на критериумите во 2010 година е сведено на можност за губење на кандидатскиот статус. До Брисел уште не стигнале податоците колку нѐ има во администрацијата и колку пари троши владата за реклами. Брисел, а видовме и Берлин чекаат одговори за импровизациите и за избегнување на обврските од европската енергетска заедница. Денес самитот на НАТО во Велс и не е тема.

4. Воведувањето критериуми за вработување и унапредување базирани врз професионалност и знаење ќе овозможи целосна деполитизација и професионализација на јавната администрација.

Денес во администрацијата работат непознат број партиски членови, а дел од нив и седат дома, а земаат плата. Во европскиот извештај таа бројка е лоцирана на 1.500, а за вицепремиерот Муса Џафери тоа било вистина, ама и не било законски. За наводната стручност читаме по социјалните мрежи.

5. Намалување на непродуктивните буџетски расходи, вклучувајќи ги и расходите за автомобили, мебел и канцелариски материјал. Во првата наредна буџетска година 2007 од работењето на владата во целост ќе се воздржиме од набавка на нови возила и мебел за канцелариите. Во периодот 2008-2010 предвидуваме нивно намалување за најмалку 30 проценти во однос на нивото од 2006. И оваа мерка е новина во работењето и односот кон државните пари, која за првпат се предлага од некоја влада. Средствата што ќе се заштедат, ќе ги пренасочиме за голем број продуктивни инвестиции и проекти кои се дел од оваа програма.

Иако не ја вети, Груевски ја измисли најпродуктивната инвестиција „Скопје 2014“, мислам продуктивна за неколку џебови, инаку срам за градот, симбол на уништување на еден град и неговиот дух. Пералница за пари, расипништво кое завршува во неколку џебови, но платено од сите граѓани на Македонија. Комплетната промена на возниот парк на владата е вистинска ситница во однос на овој криминален проект.

6. Кон новиот Инструмент за Претпристапна помош (ИПА) ќе се однесуваме сериозно и професионално, а, пред сѐ, ќе се фокусираме на подготовка на нашите институции за подигнување на апсорпционата способност за користење на расположливите средства. Свесни сме дека средствата ќе останат само на хартија доколку не се продуцираат квалитетни и корисни проекти и доколку не се обезбеди нивна навремена имплементација. Воспоставувањето и акредитацијата на децентрализираниот систем за имплементација на ИПА средствата е еден од клучните краткорочни приоритети на оваа влада.

Триесет и четири проценти искористеност, пропаднати стотици милиони евра е сериозното и професионално третирање на ИПА фондовите. Замрзнување на европски пари беше европскиот одговор за начинот на распределба на средствата во агенциите и фондовите.

7. На среден рок ќе се одржува контролиран буџетски дефицит најмногу до 1,5 отсто од БДП. Дефицитот до 1,5 отсто при пораст на БДП од 6 до 8 проценти годишно, гарантира постепено намалување на задолженоста на Република Македонија на околу 35 проценти од БДП.

За овие бројки морав и да ја проверам и снимката од говорот. Толку се промашени проекциите и ветувањата што помислив станува збор за печатна грешка. 1,5% станаа во буџетот за 2013, 3,5%, растот не достигна ниту 2, а задолженоста на државата и до 60% (со вклучени државни претпријатија и општини, онака како се европските норми). Задолжувањата за оваа влада станаа доза што мора да ја прими, 500 милиони евра се земаат како мастики од трафика.

8. Во функција на бескомпромисна борба против корупцијата, предвидуваме ангажирање странски експерти за извршување на некои функции во клучните институции, како што се Јавното правобранителство, Фондот за здравство итн. Тие ќе помогнат да се зајакне капацитетот на институциите преку пренесување на знаење и експертиза на македонските експерти во овие области.

Можеби привидно Груевски не го исполни ветувањето зошто не донесе некој странец за лидер на некоја институција, ама дел од оние што ги постави и се однесуваат како странци. На пример, јавните обвинители, инаку ако знаеја тие македонски, на сето она што се појави во јавноста од афери со докази, (Македонска банка, Тец Неготино, продажба на земјиште за хотели, увоз на струја) гарант ќе поднесеа некоја кривична пријава.

По 8 години се живее уште потешко, демократијата е на најниско ниво, јазот меѓу мала фамилијарна група и останатите граѓани се продлабочува со зголемена сиромаштија. Младите веќе имаат купено авионски билет иако мурот на дипломата уште не е стврднат. Македонија е земја што тоне во рангирањето на медиумските слободи, ја нема во 100 земји каде што е добро да се родиш, единствено напредува на табелите за најсиромашни држави и држави со најнизок стандард. Премиерот Груевски е политичар со најмногу години на власт во Република Македонија, вкупно 12.

По толку време, стеснат е просторот за бегањето од одговорност. Сѐ потешко е креирањето на медиумскиот розов свет за прикривање на неисполнетите ветувања. И џогирањето станува тешко. Затоа опозицијата мора да се врати во игра, опозицијата мора да избере што ќе прави со штитот и од која страна ќе се постави. Време е, поточно крајно ВРЕМЕ Е!

Поврзани новости