Премиерот, Зоран Заев, го повика лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, да го осуди насилството од 27 април за време на вечерашниот дуел на Канал 5. Одговарајќи на прашање од новинарот Заев рече дека поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски требало да остане без имунитетот, но актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери го направил своето да помине полноќ и точката да не биде ставена на гласање.
-Бевме гневни но не можеме да менаџираме со седницата. Остануваме на ставот дека законот требаше да важи еднакво за сите – рече Заев по што му се обрати на Мицкоски.
-Сакам да го прашам Мицкоски дали ќе го осуди ова насилство, кое рефлектираше со судски пресуди. Не смогнавте сили јавно да ги осудите оние што тргнаа да одземат животи, оној што ми направи лузни по челото. Тоа е недозволиво ниту од една политичка партија, па ниту од ВМРО-ДПМНЕ. Дали јавно го осудувате насилството кое се случи на 27 април 2017 година, и дали повикувате никогаш повторно да не се случи? – праша Заев.
На тоа Мицкоски рече дека неколку пати го осудувал насилството.
-Но ако ви причинува задоволство и пред вас ќе го осудам, но го осудувам и чинот со кој им беше пресудена преку два века затворска казна на луѓе што не примениле насилство, а повратници од ИСИС добија три пати помали казни. Имаме луѓе што добија 18 години казна, а не примениле сила, а повратници од ратиштата во Сирија имаме со три пати помала казна. Имам контра прашање: знаевте дека бев предмет на закана од вашите миленици припадници на групата од Диво насеље, ми се закануваа мене и на моето семејство, дали го осудувате тоа? – праша лидерот на опозицијата.
Заев рече дека ги осудува заканите и додаде дека и припадниците на оваа група заслужуваат соодветна казна. Тој посочи дека настанот во кумановско Диво насеље бил режиран од претходната власт за да се отргне вниманието на јавноста од „бомбите“.
-Но вие треба јасно да кажете го осудувам насилството и треба соодветни казни, а не да споменувате повратници на ИСИС. Треба искрено да го осудите, а вие мрчите на пресудата, толкувате пресуди на судот – рече Заев на што Мицкоски реагираше дека го спуштиле нивото на дебатата.