Не бараме членство во НАТО за некого да напаѓаме, туку заедно со НАТО земјите да се грижиме за мирот и да споделуваме заеднички вредности како владеење на правото и слобода на говорот, изјави денеска премиерот, Зоран Заев, одговарајќи на вчерашната изјава на рускиот амбасадор, Олег Шчербак, кој рече дека Македонија ќе биде мета за напад доколку влезе во НАТО, а при тоа алијансата изврши агресија врз Русија.
-Остануваме на нашата длабока желба да ги унапредуваме односите со Русија. Овде живее доминантно население од православна вероисповест, како и Русија, не сакаме кавги, затоа сакам да испратам само позитивни зборови и зборови на пријателство до Москва – рече Заев.
По однос на вчерашната средба во Собранието со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Заев изјави дека разговарале за проширување на парламентарното мнозинство.
-Сакаме парламентарното мнозинство да го зголемиме и да го направиме постабилно. Во Република Македонија следуваат сериозни одлуки за реформи, можно решение со Грција, интеграциски чекори, можеби и покана во НАТО. Тоа се наши амбиции и потребно е постабилно парламентарно мнозинство – рече Заев и додаде дека во пресрет на извештакот од ЕК, односно до 15-ти април очекува да бидат донесени реформските закони како законот за следење на комуникациите, за заштита на сведоци, за судовите, судскиот совет и да се одлучи за промената на ДИК.
Заев уште еднаш упати апел до претседателот, Ѓорге Иванов, да го потпише указот на Законот за употреба на јазиците.
-Да го пуштиме законот да заживее, нема ништо страшно во него, растеретени сме од предрасуди. Блокирањето на законот за мене единствено значи дека некој се плаши овој закон да заживее и кога ќе заживее ќе видат сите дека се лаги стравовите со кои се плашеа граѓаните. Ако тие мои зборови се предзивик за него, мислам на претседателот, изволте нека го потпише законот и да ја тргнеме дебатата по ова прашање – порача тој.