Владината прес-служба соопшти дека премиерот Заев и генералниот секретар на НАТО Столтенберг во телефонскиот разговор размениле мислења за одлуката на Европската Унија да го одложи стартот за преговори на нашата земја за членство во Унијата.
Премиерот Заев, како што е наведено во соопштението, му го пренел на генералниот секретар Столтенберг расположението на граѓаните на земјата од историската грешка на ЕУ да не ги одобри очекуваните преговори за пристапување во полноправно членство како разочарувачко и фрустрирачко, наспроти фактот дека Република Македонија ги исполни сите услови.
– Тоа не треба и нема да влијае и на остварувањето на втората од двете најголеми стратешки цели на државата – членството во ЕУ и од спроведувањето на реформите до крај за да ги имплементираме европските вредности во сите наши институции, во сите пори на нашето живеење, истакнал претседателот на Владата на Македонија Заев во разговорот со Столтенберг.
Во телефонскиот разговор со Столтенберг, премиерот Заев се заблагодарил за поддршката на НАТО во нашите евроатлантски интеграции и истакнал дека Македонија останува посветена на заокружувањето на процесот за полноправно членство во алијансата, како нејзин стратегиски и суверен избор да биде следната, 30-та земја членка.
Премиерот Заев го информирал генералниот секретар на НАТО за резултатите од вчерашната лидерска средба кај претседателот Пендаровски и за заеднички договорената согласност за организирање предвремени избори на 12 април идната година.