Заев: Млади, разберете колку е сериозна ситуацијата и прекинете со собирите!

by Fokus
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во свое обраќање до јавноста порача „сите заедно да помогнеме на институциите за да се преброди ситуацијата со корона вирусот во нашата држава“.

„Живееме во тешко време кога сите заедно делиме иста мака и сме исправени пред предизвикот заеднички да се избориме.

Затоа, уште еднаш Ве повикувам сите Вас на одговорност, на заедничка акција и солидарност. Само заедно, сплотени, може да се избориме против корона вирусот.

Ајде заедно да им помогнеме на институциите, на јавното здравство, преку наш личен пример, преку лична одговорност. Да останеме дома, да нема никакви собири, да користиме средства за дезинфекција и често да миеме раце.

Ситуацијата во светот е тешка, тажна и страшна. Заразата не бира кого ќе го нападне. Таа ги напаѓа сите луѓе. Во Италија има огромен број на жртви, а многу тешко е и во Шпанија.

Ова е борба за сечиј живот, за животот на твоите деца, твојата мајка, татко, брат, сестра, твојот сосед и пријател, за мојот и твојот живот.

Млади, мора да разберете колку е сериозна ситуацијата и веднаш да ги прекинете собирите. Дечки и девојки, помислете на своите најблиски, вирусот може да биде многу опасен за вашите родители, баби, дедовци, за луѓето кои за разлика од вас, многу потешко би се избориле со болеста.

Знам дека имате начини да се дружите онлајн, и затоа ве замолувам, направете го тоа.

Ги молам медиумите да продолжат да помагаат со своето одговорно и професионално однесување, благодарение на нив имаме информирана јавност.

На оние од екипата “Лажни вести” им порачувам да престанат да му штетат на нашиот народ, зашто сега народот реагира.

Да бидеме одговорни, да се почитуваме, да си помагаме, да се чуваме. Секој живот е важен, секој човек е важен!“, истакна Заев во своето обраќање.

Поврзани новости