Заев: Мицотакис разви идеи за наша помош кон ЕУ, и да не успеат сум среќен

by Fokus

Грција е еден од најпосветените наши пријатели за нашата ЕУ перспектива, истакнува претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев во интервју за МИА и открива дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис развил неколку позитивни идеи, кои би можеле да помогнат за тргање на бугарската блокада.

„Но, ни треба помош и од сите други пријатели, а премиерот Мицотакис разви неколку идеи и многу сум благодарен заради креативноста која што ја понуди. Нормално не можам да ги коментирам, затоа што сепак тие тоа треба да го направат, но за нас се исклучиво позитивни. Мене ми е многу драго што шефот на Владата на Грција не само што помага, не само што учествува, тој директно на Европскиот совет и министерот Дендиас на Советот на министри и таму се гласни и зборуваат и работат за помошта на интеграциите на Северна Македонија и на Албанија, секако и на двете земји, а сега покажаа и дополнителна креативност, што сум позитивно изненаден на многу пријателски начин, на многу прагматичен начин.

Верувам дека може да биде само од помош и да биде решение на проблемот. Така да убаво е чувството, навистина кога имате пријатели. Ние сме мала земја, стварно сме пријатели со сите, но кога ќе ви возвратат со пријателство е убаво чувството. Ред е тоа да го споделам со нашиот народ. Верувам во успеси, верувам низ дијалог и договор дека се постигнуваат решенијата и навистина Грција, можам да потврдам дека е еден од најпосветениот наш пријател за нашите евро- атлантски интеграции.

Така и премиерот на Грција, вчера на средбата го соопшти, а гледам и денеска низ сите коментари е дека Грција останува наш посветен пријател и партнер во нашите евро- атлантски интеграции. Потврдувам и дека тоа го потврдуваат и на практично ниво, вака разговарајќи, мислеле луѓето, нашле начини, тие сепак се внатре во Европската Унија и ги знаат деталите, така да сум многу среќен и задоволен што развиваат вакви идеи. И да не успеат сум среќен, ако успеат сигурно ќе бидам многу среќен“, истакна Заев.

Поврзани новости