Заев: Локалните избори може да се одржат наесен

by fokus

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неодамнешното интервју за неделникот „Фокус“ истакна дека е можно локалните избори да се одржат наесен.

-Ако во мај се формира владата, во јуни ние не можеме да планираме ништо бидејќи на Државната изборна комисија ѝ требаат најмалку 58 дена, според информациите на нашите членови на ДИК. Бидејќи на локалните избори имаме и независни листи, собирање потписи, требаат малку повеќе денови отколку за парламентарни или претседателски избори. Потоа доаѓа лето, дел од луѓето не се тука. Логично е септември, октомври или ноември. Јас сум приврзаник да ја почитувам праксата во Македонија, штом ќе се формира новата влада, во парламентот може да се оформи дебата меѓу политичките лидери или координаторите на сите партии што се застапени во парламентот да се дефинира заеднички утврден термин за одржување на локалните избори, истакна Заев во интервјуто за неделникот „Фокус“.

Денеска, пак, Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ  предложи, како што рече, соодветен термин за одржување на брзи локални избори во интерес на граѓаните и општините, кои би се одржале на 2 јули.

Тој го повика парламентарното мнозинство веднаш да создаде услови за распишување на локалните избори и да го овозможи работењето на советите на општините и на градоначалниците во овој меѓу период.

– Според нас овој датум е најдобар за граѓаните и со одржување на брзи локални избори сите ќе може сериозно да се фатат за работа и да почнат да испорачуваат резултати на локално ниво. Доколку парламентарното мнозинство не е спремно за брзи локални избори во јули, вториот термин кој што е прифатлив е средината на септември, односно одржување на локални избори на 17-ти или 24-ти септември – рече Милошоски додаваќи дека третиот датум за кој ВМРО – ДПМНЕ смета дека е соодветен е локални избори на 15-ти октомври.

Поврзани новости