Заев крои владa според комбинаториките за партиските функции и локалните избори

by Fokus

Централниот одбор на СДСМ вечер треба да ги потврди членовите на новиот владин кабинет на предлог на партискиот лидер Зоран Заев, кој, како што вели за Фокус висок партиски функционер, ќе предложи министри согласно комбинаториките за партиските функции и локалните избори.

Тоа значи дека ако Оливер Спасовски стане нов министер за внатрешни работи, тој нема повеќе да биде генерален секретар на партијата, а доколку пак партиски генсек стане Љупчо Нилоловски, тој нема да биде министер за земјоделство.

Ако и двајцата заминат во извршната власт, во игра за втората по хиерархија партиска функција е и Дамјан Манчевски, кој во таква ситуација ќе отпадне од комбинација за министер за транспорт и врски, но ќе остане отворена можноста да биде партиски кандидат за градоначалник на Центар и на Скопје.

Притоа, за оваа министерска функција уште конкурираат Благој Бочварски и Горан Сугаревски, но тоа повторно ќе зависи од проценката на партискиот лидер дали е подобро тие да да бидат во владата или да останат партиски адути на локалните избори во Штип, односно во Прилеп.

Ако уште еден партиски потпретседател-Александар Кирацовски, се смета за најдобро решение за кандидат за градоначалник на Битола,т огаш и тој ќе нема да седне на министерското столче за информатичко општество и администрација, туку ќе остане пратеник до локалните избори.

Постои можност министер за финансии да биде уште еден член на преодната предизборна влада, Кире Наумов, но кандидат за оваа позиција е и универзитетскиот професор Драган Тевдовски, при што оној кој нема да стане министер најверојатно ќе биде избран за партиски потпретседател на местото што се изпразни по повлекувањето на Ванчо Узунов.

При екипирање на владиниот тим во предвид се имаат дури и претседателските избори, за кои партискиот врв уште отсега планира да настапи со Стево Пендаровски, па затоа и тој нема да стане дел од егзекутивата, иако постоеше таква можност.

Како можни кандидати за министри уште се споменуват Радмила Шекеринска, Рената Десковска, Фросина Ременски, Никола Димитров, но од СДСМ велат дека неизвесно ќе биде до последен момент се додека мандатарот не ги соопшти одлуките.

В.С.

Поврзани новости