Премиерот, Зоран Заев, најави дека првиот споменик од проектот „Скопје 2014“ кој ќе биде дислоциран по направената стручна ревизија во Министерството за култура, ќе биде споменикот на Андон Јанев Ќосето сместен пред судската палата. На вчерашниот митинг во Центар, Заев рече дека извештајот на експертите е веќе готово.
Доколку СДСМ го преземе владеењето со Град Скопје, додаде тој, централната власт ќе соработува со локалната за да се ревидираат сите договори склучени во рамки на контроверзниот урбанистички проект.
-Детално ќе расчистиме да се знае што се градело, како се изградило и колку е платено. Комисијата за ревизија во Министерството ќе работи и со општината на расчистување на ова прашање, а целата документација ќе биде јавна. Првиот извештај е готов. Експлицитно и стручно укажува. Ќосето прво ќе го тргнеме од пред судот од каде што се дели правдата – рече Заев.