По одбраната, прашање на Заев му постави и обвинителката Валентина Бислимовска. Таа го праша обвинетитот: Дали за време на вашиот градоначалнички мандат имало поплаки за вашето работење?
На ова невообичаено прашање на обвинителот, кое не е директно поврзано со обвинението, Заев рече дека поплака на неговото работење имале Никола Груевски, Сашо Мијалков и Миле Јанакиески по што следувала и истрагата за Глобал.
По одговорот, обвинителката појасни дека прашањето и било дали имал поплаки од граѓаните за незаконско работење, по што тој рече дека немало.
Обвинителката имаше уште едно прашање, односно го праша Заев дали имало поврзаност на снимката која беше објавена на Ју Тјуб, на која наводно се гледа како бара мито со бомбите, тој одговори дека таа снимка била објавена за да се оттргне вниманието од бомбите.
-Самиот му се јавив на Николов и му реков како не ти е срам да ме местиш, зошто знаев дека тоа подолго време го прави. Кога ги објавуваме бомбите во Универзална прв пат се исплашив дека додека поминувам низ гужвата некој ќе ми тупне пари во рацете и ќе ме наместат, само да ме спречат во објавување на бомбите, рече Заев.
Судијката Добрила Кацарска пак, го праша дали снимката објавена на Ју Тјуб била идентична со таа што била објавена во судница.
Заев појасни дека снимката не е идентична, односно онаа која била јавно објавена била извлечена од контекст, посебно во делот каде се зборува за едно евро за Вицето.
-Се зборува за цимент и градежни материјали. Кога ја гледавме целата снимка се виде намерата на тој што ја постави на Ју Тјуб, односно да се направи дискредитација како објавувач на бомбите, а ако е возможно и да се спречи понатамошното објавување. Стигнуваа пораки „Престани, ќе видиш се што имаме против тебе“, рече Заев.
Судијката Кацарска го праша Заев дали го присили Николов да донира градежен материјал за црквата.
-Нема да бидам чесен ако не признаам дека јавно апелирам дека 30 денари од сиромашен човек вредат повеќе од 3.000 евра од богат човек. Како градоначалник и бев поборник во Струмица да се изгради најголемиот храм на Балканот. Јавно и на и на состаноци велев дека бизнисмените треба да бидат пример, но ниту пред Николов и друг бизнисмен не сум поставувал ваков услов. Но и јас сум човек што верува во Господ и затоа не може да се гради божји храм преку уцени и преку кршењето на божјите заповеди, не кради, не лажи. Лично јас сум најголем донатор како поединец, а семејните фирми на Заеви се најголем донатор и во материјали и во пари, рече Заев.
В.В.