Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за српскиот весник „Политика”, зборува за политичката криза во Македонија, „ќор-сокакот” до кој е доведена ситуацијата и можните решенија за излез од него.
Заев тука уште еднаш порача дека претседателот Ѓорге Иванов е главен дестабилизатор на земјата и со недавањето на мандатот, само му дава простор на Никола Груевски да избега од одговорност. Сепак, вели дека иако има опција да направи влада без мандат од претседателот, СДСМ се уште е воздржана поради ризикот од ескалации на протестите.
-Иванов и оваа несериозна власт во заминување водена од Груевски ги прекршија сите принципи на парламентарната демократија, го лажат народот и отвораат пат за безбедносна криза. Тоа како одговорен политичар, со поддршка да бидам иден премиер имам обврска да го спречам. Ќе продолжиме да влечеме мудри чекори, нема да го дозволиме сценариото што го посакуваат, ескалација –вели Заев.
На прашањето, дали СДСМ и албанските партии меѓусебно се обврза дека нема да бараат промена на Уставот која ќе утврди ново државно уредување и во писмена форма, Заев вели:
– Постои еден конкретен писмен документ пред јавноста зад кој застанува новата Влада и јас како иден премиер – Програма на новата Влада на Република Македонија, во којшто децидно стои дека новото парламентарно мнозинство е силно посветено на зацврстување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста на Република Македонија. Тоа е единствениот валиден домумент за граѓаните и за државата.