Многу е рано да се каже кој ќе биде во раководството на СДСМ, допрва почнуваат постапките за предлагање на кандидати од месните и општинските одбори, рече старо-новиот партиски лидер Зоран Заев откако доби трет мандат на денешните први директни внатрепартиски избори.
-Ова е внатрепартиска постапка и подобрување. Кадровските промени се од аспект на воспоставување на највисоките органи. Членовите на СДСМ преку 700 делегати на Конгрес го бираат Централниот одбор, од каде 20 членови се бираат за членови на Извршен одбор, а од страна на ИО се избира генерален секретар, секретари за организација и за меѓународна соработка, како и потпретседатели. Нема да имаме повеќе од тројца потпретседатели, но рано е да се каже кој ќе ги земе овие места – рече Заев.
Тој додаде дека кадровските промени што ги најавува во СДСМ не се поврзани со Владата, од чиј перформанс, како што истакна Заев, е задоволен.