Бруто домашниот производ е проектиран на годишно ниво од 3.2 проценти и ние ќе го постигнеме, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Општина Желино.
– БДП е проектиран на годишно ниво од 3,2 проценти и ние ќе го постигнеме. Единствено каде што паѓаме од сите параметри е ниско градбата. Тоа е поради автопатиштата, неиспорачаните односно неизведените работи, пред сѐ од „Синохидро“, пред сѐ патот Кичево-Охрид, заглавеноста на проектот Миладиновци-Штип, Трансмет и други компании, рече Заев.
Посочи дека кога ќе се земат параметрите, колку тие компании работеле лани во првиот квартал споредено со оваа година, тие паднале поради самите проблеми во проектите.
– Високо градбата во градежништвото расте. Енергетиката, индустријата, земјоделието – се со раст од 6, 7, 8 и 10 отсто. Извозот во Република Македонија е зголемен за 14,3 отсто во евра, во долари како паралела е повеќе од 31 отсто. ДДВ наплатата, од 1 јануари до 31 мај 2018, во споредба со 2017, е зголемена. ДДВ-то е доказ за економската активност во државата, истакнал премиерот Заев, се вели во соопштението на владината прес служба.
Премиерот, се наведува во соопштението, рекол дека данокот на добивка и персоналниот данок се зголемени, но економијата живее во Македонија.
– Го знаете податокот – 235 милиони евра, тоа е квартал со најголем број на странски инвестиции од 2007-ма година наваму. Сите овие параметри се за почит. За нас се потврда дека сме на вистинскиот пат, истакна премиерот Заев, додавајќи дека Владата е посветена на квалитетни инфраструктурни проекти, кои ќе донесат раст, очекувајќи импулс за раст на странските инвестиции со напредокот во евро – интеграциите и повеќе пари кај граѓаните.