Ајде од убавиот Охрид во чест на 8-ми март да испратиме порака до сите граѓани од цела Македонија. Оваа година Македонијо заедно сплотени како никогаш досега ќе воскреснеме 8 убави женски имиња. Тоа се: вера, љубов, надеж, вистина, правда, демократија, слобода… и најубавото име – Македонија, – истакна во говорот, лидерот на СДСМ, Зоран Заев од маршот на жените во Охрид.
Тој зборуваше за правата на жените, мајките и работничките.
– И сега нека ме слушне текстилната работничка од Штип која ме прашуваше, како и сите кои работат, ден и ноќ, саботи и недели, делник и празник, за минимални примања. Социјалдемоктарскиот сојуз ќе воведе Регистар за прекувремени работни часови, поврзан со Управата за јавни приходи. Работодавачите нема да можат повеќе да ги кријат вашите одработени часови. Ќе мора да ви ги платат. Ќе поттикнеме секој правен субјект да мора да има синдикат што ќе ги штити правата на работниците. Ќе ги обезбедиме сите потребни заштитни механизми за да спречиме какво било насилство врз жените. Ќе обезбедиме државна поддршка за зголемување на бројот на жени претприемачи. Со тоа ќе овозможиме жените да водат сопствени бизниси. Ќе овозможиме вработувања на жените во руралните средини и поддршка за жени – фармерки. Ќе изградиме поголем број детски градинки, каде што ќе бидат згрижени децата. Ќе има втора смена во детските градинки, за да им олесниме на мајките кои работат во две смени. Ќе воведеме флексибилно работно време за мајките со мали дечиња.Ќе го гарантираме враќањето на истото работно место по породилното отсуство. Ќе го унапредиме работното законодавство со дополнителна заштита на бремените жени работнички, порача Заев од Охрид.