Заев: Ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе ги ослободиме новинарите од притисоци

by Фокус

-На секој граѓанин му е јасно, без регулација на медиумите и без прочистен избирачки список нема да има фер и демократски избори. Слободни и независни медиуми се клучни цели на СДСМ. Затоа, со промена на власта СДСМ ќе им гарантира на новинарите слобода да истражуваат и да информираат за сите случувања во државата, заштитени од притисоци. СДСМ ќе обезбеди почитување на новинарската професија и слобода за изнесување на различни ставови. Одговорен уредник на медиумите во државата нема да бидат владата и владејачките партии. Радиодифузерите ќе добијат еднаков третман во насока на развивање на здрава конкуренција меѓу медиумските куќи, изјави Зоран Заев во Струмица.

Тој зборуваше и за МРТВ и најави дека СДСМ ќе ја укине радиодифузната такса.

-МРТВ, ослободена од политички и други влијанија, ќе ја остварува улогата на вистински јавен сервис, целосно независен, непристраен и професинален, како силен идентитетски столб. Ќе ја укинеме Радиодифузната такса што ја плаќаат граѓаните. Регулаторните тела, како Агенцијата за медиуми (АВМУ), ќе бидат независни, транспарантни и професионални во својата работа. Ќе ги вратиме јавните дебати како суштина на демократијата. Носителите на власта ќе имаат обврска редовно да се појавуваат на јавни дебати и соочувања со опозицијата во медиумите. На тој начин ќе создадеме медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, рече Заев.

 

Поврзани новости