ЛП ја претстави платформата пред престојните избори

by Фокус

Пред јавноста ја претставуваме „Платформата за Македонија каква што ни треба и ја сакаме“, документ што сакаме да го понудиме до другите политички партии, движења, невладини организации и воопшто до граѓаните.

Платформата ја ставаме на располагање на сите кои се согласни дека победата на Изборите 2016 е нужен услов за надминување на тешките предизвици пред македонските граѓани предизвикани од економскиот застој, непродуктивното управување со јавните средства, злоупотребата на позициите на власта и општеството соочено со конфликти и партизација.

Либералната партија го споделува мислењето дека тековната состојба ги блокира и институциите и граѓаните, но ја доведува во прашање и безбедноста и иднината на земјата и нејзините интеграции.

Цел на Либералната партија е епилогот на тековната политичка криза и претстојните избори да ги решат проблемите во економијата, општеството и државата, а не само проблемите во партиите.

Затоа, оценуваме дека се потребни и збогатувањето на опозициската програма, и мобилизацијата на неопределените гласачи, но и членовите на владејачките партии кои бараат демократизација на сопствените партии.

За да може да се очекува сигурна победа на следните избори за суштински да се промени практикувањето на власта, Либералната партија предлага основен концепт и усогласена понуда во 10 точки.

Од сите јавни ставови и декларации на политичките партии воопшто, идентификуваме 10 заеднички определби на сите нас кои сме јасно декларирани против оваа власт и начинот на владеење во изминатите години. Како непосредни заеднички приоритети и обврски во Платформата ги лоцираме:

  • Владеењето на правото;
  • Одговорното управување;
  • Парламентарната и општествената контрола врз работата на властите;
  • Финансиската консолидација на земјата;
  • Развојот и деклиентелизацијата на економијата;
  • Унапредувањето и заштитата на правата: поединечните права на човекот и граѓанинот, колективните права на заедниците, и правата на маргинализираните групи;
  • Судскиот епилог на сите случаи на злоупотреба на власта;
  • Реституцијата на приватниот имот одземен со злоупотреба на власта;
  • Преточувањето на барањата на граѓанскиот сектор во институционалната пракса
  • Градењето одржливи и квалитетни системи на здравствена заштита, образование и социјална заштита.

Оваа Платформа ја нудиме како пункт на собирање на демократски определените сили и поединци коишто не можат да се помират со сегашната и било која друга форма на узурпација на власта, врз основа на јасно идентификувани заеднички цели.

Либералната партија смета дека граѓаните имаат право и потреба да знаат на кои приоритети сме подготвени да соработуваме без оглед на идеолошки, етнички или било каков друг социјален предзнак.

Тука ја предвидуваме и обврската за прашањата за кои се разликуваме, а не се дел од наведените приоритети, да ги решаваме по пат на дијалог и компромис, за спроведување одржливи и просперитетни концепти и решенија.

Затоа, природно е од Либералите да произлезе една Платформата е отворена за сите и не определува нејзин ексклузивен носител.

-Сериозноста на моментот наложува политичките партии одговорно да пристапат кон решавањето на кризата, а по изборите да не размислуваме за нови избори.

На оваа тема започнуваме да бараме средби со лидерствата на опозициските партии, граѓанските и политичките движења и организации и стоиме на располагање за усогласувањето на овој документ со сите добронамерни чинители кои сакаат да ја видат Македонија каква што ни треба и ја сакаме – најави претседателот Величковски на Прес-конференцијата.

Поврзани новости