Ја прашувам ЕУ од мојата европска Струмица, која се граничи со Грција и Бугарија, дали ваквиот начин на одлучување во Унијата, при што една земја членка блокира цел регион од крајно ирационални и националистички причини е механизам со кој се развива европската идеја. Ако не, а знам дека не е, тогаш променете го начинот на носењето на одлуките.
ЕУ мора да дејствува во сопствена корист, во корист на европската идеја, која по дефиниција е либерална, отворена, широка. Европската идеја не смее да остане уценета од национализмот, не смее да дозволи национализмот да става вето врз слободата. Ова го порача поранешниот премиер Зоран Заев кој присуствуваше на конференцијата во Струмица насловена „Суверенитот и Европа“ што ја организираше Француската амбасада.
Тој смета дека руската агресија врз Украина е причината зошто ЕУ мора да ги реши сите отворени прашања во регионот, особено нашето, македонско прашање. Како што рече, не постои оправдување за ниту една цивилна жртва во Украина, не постои оправдување за украинските деца, кои со огромна грижа бараат безбеден дом насекаде низ Европа, а нема да постои оправдување и доколку падне проектил врз спомен куќата на Крсте Петков Мисирков во Одеса
Според него, ова е време кога лидерите на ЕУ треба да се одважат по овие прашања и да преземат политичко лидерство, онака како што го правеле тоа оновачите на ЕУ.
-Треба да ни е јасно на сите доколку основачите на ЕУ калкулираа со сопствениоте рејтинзи во тоа време, тогаш ЕУ немаше ни да се создаде. Политичката храброст вреди, таа е носител на промените. Договорот од Преспа е доказ дека политичката храброст вреди, потенцираше екс премиерот Заев.
Се осврна и на руско-украинската криза и притоа рече дека ЕУ треба да знае дека на православното население од Балканот не му е лесно да застане наспроти православниот руски народ.
-Но, нашите народи се мудри, ние не застануваме наспроти рускиот народ, туку застануваат наспроти воената агресија на Путин врз суверенитетот на пријателска Украина. Северна Македонија направи многу за себе, но и многу за Европа. На Балканот и Европа им дадовме модели, цели, примери и успеси. Договорот од Преспа е нашиот влог во иднината на Европа. Ние сме подготвени да слушнеме, да прочитаме и да видиме и подобри примери од нашиот. Во меѓувреме, ја повикуваме Европа да го следи нашиот пример, подвлече Заев.