Ја фрливме ракавицата и пред Груевски и пред целата македонска јавност, апсолутно знаејќи за што зборуваме. За она што го очекуваме од тие докази и аргументи, гарантираме со својот политички кредибилитет, толку многу веруваме во нив, уште еднаш лидерот на СДСМ, Зоран Заев, овој пат од Кавадарци, го повтори ветувањето поврзано со резултатите од „бомбите“ ги има опозициката партија.
– Знаете како беше со Македонска банка? Со „Актор“? Со имотите на Мијалков? Со становите на властодршците во Скопје? Ја објавивме аудио снимката? Молк. Молк. Страв им беше на луѓе да ја погледнат снимката. Се криеја дома од своите жени, за да ја видат и разбирливо, за да не наштетат на семејството. Медиумите никаде не ја пренесоа. Видовте како постапуваат Јавното обвинителство и судството? Видовте колку имаме правна држава во нашата земја? Видовте која е разрешницата на обелоденувањето на аргументите и доказите? – праша Заев,
Според него да имавме Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство како што треба, ако имавме судови и Антикорупциска, досега опозицијата ќе ги приложеше таму аргументите и ќе беше заборавен Груевски.
– Немаме, немаме државни институции. Наивни сме ние? Да очекуваме сега правда? Да очекуваме правна разрешница на тоа што ќе го правиме? Сите кои бараат во моментов доказите да бидат испорачани, треба да знаат дека не би биле со искрена намера кон државата, ако добро не го осмислиме тоа, ако навремено согласно нашата стратегија не го направиме, ако не сме убедени дека ќе даде резултат, отрезнување и нормализирање на државата наша, јас би рекол и заминување на злото од Македонија, и се до тогаш нема да ги направиме чекорите. Никој нема право да ја скрие вистината од граѓаните на Македонија и вистината граѓаните ќе ја дознаат. Но истите тие наши сограѓани и граѓани, заслужуваат лидерите на опозицијата да им гарантираат успешност – порача Заев.