Младите правници бараат поголема заштита на имигрантите

by Фокус

Надлежните да најдат механизми со кои ќе се избегнат смртните случаи на емигрантите во Македонија и повеќе да се посветат во остварувањето на правата на бегалците и другите лица кои имаат потреба од меѓународна заштита, реагираше денеска Здружението на млади правници (МЗМП).

– Загрижувачка е појавата на загинати и повредени мигранти во железнички несреќи во земјата. Во последниве две недели дури седум лица од Сирија и од Авганистан го загубија животот на овој начин меѓу кои најмладата жртва имаше само 45 дена. На 14 Ноември загинаа двајца браќа од Сирија, на 22 и 23 години, во близина на Велес. Претходно, на 10-ти овој месец, исто така на железничката пруга во Велес загина уште еден мигрант чии идентитет сѐ уште не е утврден. На 5-ти ноември, на железничката пруга Скопје-Гевгелија загина Авганистанец на возраст меѓу 20 и 25 години, заедно со својот син. На пругата кај Неготино, пак, на 2-ри овој месец животот го загуби 56 годишен Сириец, а ден пред тоа, 20 годишен Авганистанец – потсетува асоцијацијата.

Воедно, МЗМП изразува голема поддршка до државата за сите напори кои ги вложува за подобрување на животните услови на барателите на азил прифатени во Јавната установа за сместување на лица баратели на азил во Визбегово, и како што велат оттаму стојат на располагање за спроведување на активности во насока на уште поголема посветеност кон остварувањето на правата на бегалците и лицата баратели на азил во соодветните постапки, предвидени со усвоените меѓународни стандарди.

Поврзани новости