Започна собраниската седница на која пратениците ќе ги гласаат предлозите за заменици – министри во Владата на Македонија.
Премиерот Зоран Заев обраќајќи се до пратениците рече дека биографиите се веќе 7-8 дена пред пратениците, и дека изборот на замениците е избор на професионалци и експерти.
„Императивот на владата е да знае дека парламентот е тој што ги креира политиките и наша должност е да го испочитуваме Парламентот кога нашето присуство овде е неопходно и да бидеме поставени на својот дел од извршноста дадена и делегирана од Собранието. Луѓето предложени овде знаат дека ќе добијат одговорна задача да ги извршуваат задачите според законите и уставот со цел подобрување на животот на сите граѓани на Македонија“, рече премиерот од собраниската говорница.
Тој истакна дека делокругот на извршната власт се движи на две шини, едната на реформи, другата на подобрување на стандардот на граѓаните.
За заменик министер за одбрана е предложен Беким Максути, за внатрешни работи Агим Нухиу, за правда предлог е Оливер Ристовски, за надворешни работи Арта Точи, за финансии Ширете Елези, за економија Кире Наумов, за Шумарство и водостопанство предложен е Власте Димковиќ, за здравство Гоце Чакаровски, за труд и социјална политика Елми Назири, за локална самоуправа Дејан Павлевски, за заменик на министерот Алаѓозовски предложен е Владимир Лазовски, за заменик на министерот за Информатичко општество и администрација предложен е Владимир Бајдевски, за Транспорт и врски Ремзи Мехмети и за заменик министер за животна средина и просторно планирање предложен е Јани Макрадули.