Зоран Заев, денеска прими висока делегација на Европската служба за надворешни работи на ЕУ, предводена од Заменик генералниот секретар за заедничка безбедносна и одбранбена политика, Педро Серано.
Заев, придружуван од советникот за безбедносни прашања, Зоран Верушевски, и од Националниот координатор за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски, на средбата ја истакнал подготвеноста на Република Македонија да учествува во заедничките политики и акции на Европската Унија за справување со овие појави, како и поставеноста и капацитетите на институциите за одговор на овие прашања во нашата земја, велат од Владата.
-Претставниците на Европска служба за надворешна работи на Европската Унија, на средбата оддадоа признание за активностите на Република Македонија во однос безбедносните прашања поврзани со борбата против тероризмот и радикалниот екстремизам, и посебно го истакнаа придонесот на македонските безбедносни служби во однос на мигрантската криза. Високите функционери на Европската служба за надворешни работи на ЕУ, изразија силна поддршка за идната соработка на ова поле и нагласија дека на Република Македонија и стојат на располагање сите искуства, мерки и поддршка од институциите на ЕУ, за имплементација на двете национални стратегии, особено во делот на размена на информации, како и на поддршката за обука и за подигање на капацитетите на македонските безбедносни служби, се вели во владиното соопштение.