Заев и Ципрас: Преспанскиот договор ја обврзува ЕУ да ја тргне блокадата

by fokus
Ние денес, врз основа на нашето искуство од патот до Преспа и до Договорот со Грција, слободно можеме да кажеме дека сме Европа повеќе од кога било, порача вечерва во Охрид премиерот Зоран Заев на официјалното отворање на Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа-форумот за дијалог.
-Од денешна перспектива, јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која до тогаш не беше позната. Оние кои беа проблем одеднаш, и без булдожер-дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем. Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно – рече Заев.
Заев се сретна и со поранешниот грчки премиер во чие време беше склучен договорот, Алексис Ципрас. Од Владата соопштија дека двајцата се согласиле дека три години од потпишувањето на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018 година, секојдневно доаѓаат придобивките од решавањето на тридеценискиот спор со кој се воспостави стратешко пријателство меѓу Северна Македонија и Грција.
„Пораките кои глобално се испраќаат од „Преспа форумот за дијалог“ потврдуваат колкаво постигнување е Договорот од Преспа, кој денеска и утре во Охрид и  Преспа го уважуваат и почитуваат стотици високи гости од регионот, Европа и светот за да ги афирмираат вредностите што произлегуваат од духот на Договорот, заклучија соговорниците. Суштината што во себе ја носи Договорот од Преспа, споделија Заев и Ципрас, со својата сила и значење ја обврзува ЕУ да ги тргне пречките за евроинтеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан“, информираа од Илинденска.

Поврзани новости