Премиерот Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, по владината седница на која беше усвоен Планот за борба против корупцијата, на прес-конференција информираа за деталите и ги претставија мерките за синхронизација на институциите на системот за негова оптимална поставеност за борба против сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, како една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него.
Премиерот Заев соопшти дека планот е производ на политичката волја, со кој Влада ќе се избори за искоренување на корупцијата и за тоа се воспоставени јасни механизми за соработка меѓу сите институции, а воедно да се охрабрат и граѓаните и медиумите да зборуваат јавно и гласно.
„Тоа придонесува за ред, правда и дисциплина. Сериозно ги зедовме предвид забелешките од последниот извештај на „Транспренси интернешнел“ и ги вградивме во овој План. На тој начин ги елиминираме пречките и поставуваме функционален систем за институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата. Тие ќе го спречуваат, препознаваат и санкционираат секој вид на корупција во сите редови на власта без исклучок. Владата и граѓаните се на истата страна во борбата против корупцијата“, истакна премиерот Заев.
Тој посочи дека Планот има за цел да спречува корупција на актуелната власт, но и да ги открива и демонтира коруптивните инсталации на режимското владеење пред нас.
„Овие инсталации се продрени до најситните пори на институциите. Тие го попречуваат функционирањето на системот, вклучувајќи го и правосудството. Тогашното режимско владеење на сегашната опозиција го трошеше парите на народот за да се богатат тие и партијата. Тие ја одгледуваат корупцијата, ја всадија и толерираа насекаде, за да им биде простено за нивните злодела. Епа, не им е простено, оти тоа не го правеле од незнаење или несвесно, туку смислено, намерно, злонамерно“, наведе претседателот на Владата Заев.
Тој нагласи дека Владата е одлучна и дека е дојдено времето во целост да се демонтираат режимските остатоци кои го скапуваат системот, а да се воздигнат службите кои чесно им служат на граѓаните.
„За ваквите злодела, против претходната криминална власт, денеска се водат судски постапки, некои се осудени, некои се уште се судат. Додека тие одговараат пред лицето на правдата, ние продолжуваме со демонтажа на нивните остатоци по системот. И нема да запреме додека не завршиме во целост со тоа. И да, секој од нас треба да е свесен, дека ако било кој помисли да го прави истото, треба да е спремен да се соочи со правдата – а правдата е тука, ете ја, секој ден по рочиштата и низ судниците. И додека тие се бореа да нема правда, ние, уште од првиот ден на првиот мандат почнавме со активна транспарентност. Тоа е антикорупциски лек за многу системски болести низ системот“, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев посочи дека оваа Влада постави стандард од кој нема враќање назад и воведе ред и домаќински однос при трошењата.
„Како ретко која земја, го отворивме трезорот. Граѓаните, медиумите, можат да ја следат секоја трансакција направена со парите на граѓаните. За кус период од сега ги очекуваме и новите унифицирани веб-страни на министерствата кои ќе бидат услужно-ориентирани и според највисоките стандарди за транспарентност. Овие и другите мерки за зголемување на транспарентноста ја позиционира нашата Влада на прво место во регионот по отвореноста и транспарентноста според истражувањата на граѓанските организации веќе неколку години по ред“, информираше премиерот Заев.
Тој посочи дека Влада покажа одлучност за спречување неодговорно владеење и преку усвоениот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции, кој даде резултати веднаш и овозможи санкционирање на неетичко однесување на неколку функционери, а воедно испрати порака до сите останати, дека неетичкото однесување нема да остане неказнето.
„Нашата антикорупција значи постојано вклучен аларм за штетното и разорно дејство на корупцијата, со цел заедно со граѓаните да се спротивставиме и на најситното подмитување. Медиумите сега откриваат и известуваат за случаи за кои порано на власта не и се слушаше, а подоцна за таквото известување се затвораа цели медиумски куќи. Ги охрабрувам медиумите и понатаму да го прават тоа низ нивното секојдневно известување и особено преку истражувачкото новинарство да продолжат да бидат партнери на граѓаните во оваа борба. Со разрешници на предметите за висока корупција и докажавме на опозицијата дека залудни се обидите за дејствување против правната држава. Граѓаните веќе сведочат дека нема привилегирани и недопирливи. Казната за корупцијата ги опфаќа сите“, нагласи премиерот Заев.
Осврнувајќи се на деталите од Планот, вицепремиерот Николовски информираше дека тој е подготвен врз основа на сите препораки и предлози од надлежни институции, невладини организации, независни тела, како и согласно релевантните домашни и странски извештаи и дека содржи нови начини и соодветни механизми за спречување и искоренување на корупцијата.
„Донесовме нов поприменлив Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции, со кој се уредува начинот на однесување и работење не само на претседателот, министрите и замениците на министрите во Владата, туку до најниско ниво, на сите носители на извршни функции именувани од Владата. Досега над 300 именувани функционери го имаат потпишано Етичкиот кодексот“, соопшти вицепремиерот Николовски.
Заменик-претседателот на Владата Николовски информираше дела се исполнети препораките од ГРЕКО, има лице за интегритет и за судир на интереси, регистар за строга евиденција за примање подароци, транспарентно се објавени имињата и ќе се обезбеди тест за интегритет на советниците на функционерите.
„ Го кренавме нивото на соработка меѓу сите надлежни антикорупциски владини институции, но и со независните тела. Обезбедивме нови простории за ДКСК, како и повисок буџет, обезбедивме и 49 милиони денари за потребниот Регистар за избрани и именувани лица, но и поврзување на Државната комисија за спречување на корупција со останатите 17 институции од коишто треба да ги црпат релевантните информации. А паралелно редовно се постапува по сите доставени иницијативи до Владата од страна на ДКСК. Веќе е во функција новиот Национален регистар на вистински сопственици, кој обезбедува точни и ажурни податоци за вистинските сопственици на фирмите, за да не ни се случат Панами и Белизиња повторно. Го зајакнавме контролниот механизам, се зголемија надлежностите на сите инспекциски служби, тоа се покажа како функционално особено во овој тежок период на ковид. Уште повеќе го подигнавме нивото на транспарентност и отчетност, што е главна одлика на оваа Влада во претходниот, но уште повеќе во овој мандат. Сите министерства и органи, но и сите општини и Градот Скопје, ги задолживме да ги објават на своите веб-страни сите информации со кои ќе ја обезбедат својата висока транспарентност, како услов за да ги добијат средствата кои им следуваат од централниот буџет. Затоа имаат обврска за објавување на 22 различни типа на информации и документи пред граѓаните“, посочи вицепремиерот Николовски и додаде дека со Советот на Европа веќе се работи на проект за носење на Закон за потекло на имот.
Тој информираше, дека низ процес на подигање на нивото на дигитализација и елиминирање на човечкиот фактор, се креираат мерки кои ќе придонесат за елиминирање на субјективното влијание во процесите и еднаква и правична примена на законите.
„Во рок од 30 дена Министерството за правда заедно со Јавното обвинителство од денеска се задолжени да направат анализа на потребните кадри, опрема, техника и простории, за истражните центри со цел да се зајакнат капацитетите на центрите, а со тоа и капацитетите на сите Јавните обвинителства. Дигитализацијата и екипираноста на истражните центри ќе го забрза процесот на решавање предмети. Мора да има брзо процесуирање и решавање на предметите. Предметите не смеат да стојат во фиоки “, посочи вицепремиерот Николовски.
Заменик-претседателот на Владата Николовски соопшти дека со целосно дигитализирање на трите книги што ги води Управата за водење на матичните книги, граѓаните ќе можат електронски не само да аплицираат, туку на истиот начин и да ги добијат изводите.
„ Нема повеќе непотребни чекања на шалтери за вадење на изводи од матичните книги. Дополнително, за да се подобрат услугите за граѓаните и фирмите, во полна функција се става Централниот регистар на население, каде што на едно место веќе ги има сите податоци за граѓаните кои се содржани во личните карти, пасошите, државјанството и од книгите на Управата. Затоа денеска Управата е задолжена за интегрирање на сите овие податоци и регистри. На овој начин ќе се укине процедурата за вадење на различни документи и изводи за било која постапка што му е потребна на граѓанинот. Институциите ќе имаа каде да проверат и да ги добијат информациите што им требаат, наместо граѓаните и фирмите секој пат од ново да вадат нов документ. Конкретно ќе се бара само извод од Централен регистар на население, наместо сегашните копии од лична карта, пасош, државјанство, изводи од матична книга на родени итн.“, посочи вицепремиерот Николовски.
Тој посочи дека со ставање во полна функција на Националната платформа за интероперабилност за седумте надлежни органи за борба против корупција, нема веќе да има ризици од застој на информации.
„ Никој не смее да затајува и забавува случаи каде има сомнежи за корупција. Со подготовка на електронскиот софтвер за поврзување на сите 28 инспекциски служби, ќе се намали субјективното и селективно влијание на инспекторот за време на инспекцијата – човечкиот фактор ќе се сведе на минимум. Софтверот ќе овозможи, електронска распределба на инспекциските надзори и следење на истите, електронско генерирање на записниците од извршените надзори на лице место додека трае инспекцискиот надзор, како и зајакната координација на инспекторите од различни институции. Нема простор, за компромис и договор за инспекциски надзори, нема сопствена одлука во кој објект да влезе инспекторот или не – сите се еднакви пред законите, секој што ги прекршил, ќе сноси одговорност. Преку создавање на централна база за издавање на лиценци и дозволи, точно ќе се знаат условите, која фирма каква лиценца има. Сите овие податоци ќе бидат јавни и транспарентни. На овој начин овозможуваме фер конкуренција во бизнис секторот“, истакна заменик-претседателот Николовски.
Toj посочи дека се зајакнуваат и контролните механизми околу јавните набавки.
„Сите јавни институции треба да подготват интерни процедури за спроведувањето на јавните набавки врз основа на соодветни модули и спецификации за јавни набавки. На овој начин ќе се подобри квалитетот на набавките и транспарентноста при склучувањето на договорите. За отстранување на сите детектирани слабости кои може да доведат до недоследно придржување кон начелата за јавни набавки, ќе се направат измени на Законот за јавни набавки. Ќе се зајакне Управната контрола за набавките да бидат спроведени согласно законот и да се спречат евентуалните ризици од корупција при спроведувањето на јавните набавки “, соопшти Николовски.
Вицепремиерот информираше дека преку соодветни мерки ќе се актуелизира и примени конфискацијата на имот како системски механизам во борбата против корупцијата.
„За таа цел, во рок од три месеци МВР ќе подготви Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за 2021-2023. Паралелно ќе се формира Национална комисија, којашто ќе го мониторира имплементирањето на Стратегијата, со што ќе се зајакне координацијата помеѓу надлежните институции за време на финансиските истраги во делот на следење на текот на парите, како и откривање на евентуално претопување, префрлање и прикривање на незаконски стекнатиот имот. Во целиот процес на превенирање и откривање на корупцијата потребна ни е ефикасна и професионална администрaција, за што во планот се предвидени десетици мерки“, истакна заменикот на претседателот на Владата.
Тој нагласи дека се детектираат слабите точки во постапките за вработување и унапредување на административните службеници и вработените во јавниот сектор, и во подготовка е план за соодветна измена на прописите.
„ Паралелно се подготвува и анализа на содржината и на спроведувањето на Етичкиот кодекс за административни службеници – најавуваме негова ревизија, подобрување и доближување до секој службеник. И секој службеник ќе знае дека носи одговорност. Бројот на членовите на УО нема да биде повеќе од 5 члена. При изборот на членовите на УО, квалификациите на кандидатот мора да кореспондираат со дејноста на институцијата, а не да бидат задоволувања на нечии лични потреби. Како последица на режимски наштиманите конкурси во минатото, сè уште се соочуваме со нелогични огласи во кои некој предвидел несоодветен кадар за соодветна институција“, истакна Николовски.
Тој информираше дека сите институции мора да назначат овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција.
„Сите институции мора да назначат овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција. На овој начин ја подигаме свеста кај граѓаните и ги охрабруваме да пријавуваат случаи на коруптивно делување. Во рок 30 дена назначените лица треба да бидат објавени јавно на веб-страните на институциите“, нагласи Николовски.