Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, постави прашање до премиерот, Зоран Заев, за одлуките кои Фондот за иновации ги донесе при распределба на грантовите. Како што рече таа, прашањето не го поставува до вицепремеирот, Кочо Анѓушев, затоа што во тој случај има конфликт на интереси и тој не би бил кредибилен да одговори.
Заев рече дека би имало конфликт на интереси доколку во Комисијата која ги доделувала грантовите членувале Анѓушев или пратеникот Хари Локвенец.
-Се работи само за етички аспект, прекршување на законот нема. Јас со моја лична компанија нема да аплицирам, и не аплицираше „Мамас“, компанијата на моето семејство, на двајца мои братучеди. Сакаше да аплицира за фондот, заради тоа што останатите 12 компании за производство на ајвар во Македонија ќе аплицираат и ќе добијат сериозни пари. Ако тоа и понатаму така се случува, „Мамас“ нема да може да се бори со другите компании. И тогаш сум пред одлука дали да се повлечам и да ги тргнам уделите. Значи тука е етничкиот аспект. Треба отворено да зборуваме за да ги отстраниме аномалиите од системот. Во случајов „Мамас“ не аплицирале, а би требало, затоа што критериумите на Фондот се јасно утврдени – рече Заев.
Според него одлуката во случајот со Анѓушев не ја донел самиот тој, туку комерцијалистите во фирмата. Заев ја поздрави реакцијата на Анѓушев да ги повика содружниците да ја повлечат апликацијата.
-Анѓушев не беше во државата во понеделникот, јас знам, затоа што одржа состанок да ги убеди луѓето да ја повлечат апликацијата. Се убедија и ја повлекоа. Мој личен став е дека етичкиот дел е поважен од законскиот. Полагам надеж до сите министри и до овој, затоа што знам колку работи во Владата. Не чекав ни процеси, претходно го разрешив градоначалникот на Ново Село од партиската функција и тоа можам да го правам, но не можам од градоначалник да го разрешам, потребна е правосилна пресуда. Го поздравувам етичкиот пристап на функционерите. Имам и јас опција како член на семејството Заеви да си одам дома. За волја на вистината тие фирми можат полесно да дојдат до информации. Зборувам отворено, затоа што само преку отворено зборување можеме да ги отклониме слабостите – додаде тој.
Пратеничката Рангелова рече дека е задоволна од неговиот одговор, но не е задоволна од однесувањето на вицепремиерот Анѓушев.
-Не сте во паво што не сте им дале на роднини да не аплицираат за ајварот, но не можам да се согласам дека Анѓушев не требало да аплицира, не е доблесно – рече таа.