Премиерот, Зоран Заев, потврди денеска дека и тој им ѕвонел на руските комичари на чија местенка падна, затоа што мислел дека комуницира со украинскиот претседател, Петро Порошенко.
-Во таа комуникација што сме ја имале, да, можно е како што тие ме барале мене и јас да сум го барал, мислејќи дека е претседателот Порошенко – изјави Заев денеска.
На новинарско прашање кога сфатил дека е измама, тој одговори дека тоа го сфатил завчера, кога беше објавена снимката.
Премиерот рече дека нема да бара одговорност и дека ќе продолжи со телефонски разговори без посредство на владиниот протокол. Тој додаде дека за време на овие комуникации разменувал и фотографии од настани кои се случувале во Украина и Македонија. Тој вели дека добивал слики од Парадата на војската, а праќал од посетата на Ангела Меркел во Македонија.
-Јас продолжувам со директни комуникации со премиери и претседатели. Комуницирам и мислам дека тоа е помош за мојата земја. Градиме пријателство, а комуникациите носат информации. Нема протокол кој мене може да ме ограничи ако сакам да ви се јавам, на премиери или кого било – рече Заев.