Македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров утре во рамките на Светскиот економски форум во Женева ќе се сретнат со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас.
Портпаролот на грчкото МНР Александрос Гениматас на денешниот брифинг со новинарите рече дека разговорите ќе се фокусираат на Договорот од Преспа и спроведувањето на реформите.
-Разговорите ќе се фокусираат, прво, на тоа како ќе се продолжи со реформите и како Грција ќе го поддржи спроведувањето на овие реформи, како што прави до денес. Во однос на Договорот од Преспа, позициите се познати, треба да има правилно и без отстапки придржување кон договорот – рече Гениматас.
Притoа, тој додаде дека Грција ќе продолжи да игра активна улога во поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
-Било која иницијатива што би се презела и би се соопштила кога би се презела, ќе треба како главен критериум да го има постоењето напредок. Не можеме да очекуваме дека веќе од утре ќе се сменат декларираните позиции на значајни земји од Европската унија. Она што треба да го направиме е да работиме за да се постигнат оние услови што ќе дозволат за релативно брз временски период да се дојде до некаков напредок во посакуваната насока – рече Гениматас.