Премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, попладнево заедно чествуваа 115 години од Илинденското востание пред споменикот на Гоце Делчев на плоштадот во Благоевград.
Како што пренесе Бугарската новинаска агенција БТА, Заев во говорот искажа благодарност за поканата од Бугарија да биде дел од одбележувањето и дека денеска се одбележува и првата годишнина од потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и соседство.
Претседателот на македонската Влада рече дека кога минатата година во Скопје, на Илинден, го потпишале Договорот, го назначиле како почетна точка на заедничката иднина.
– Нема поголема симболика од тоа. Владите на Бугарија и Македонија покажаа висока историска одговорност. Договорот отвори перспективи од големо значење за нашите заемни односи, од значење за интеграцијата на Република Македонија и од значење за стабилноста и просперитетот на целиот наш регион. Со него ние како политички раководства испративме силна порака кон регионот и светот. Поставивме стабилна основа, врз која почнавме да градиме европска и евтоатлантска иднина на нашите држави, на нашите народи и на целиот регион, истакна Заев во обраќањето во Благоевград.
Неговиот домаќин Борисов во говорот рече дека генерации нивни политичари имале желба и упорност, но не успеале.
– Минатата година успеавме да потпишеме Договор за добрососедство. Не верувавме и ние дека ќе успееме, но покажавме храброст и успеавме. Заедно со колегата Заев и неговиот кабинет отидовме во Скопје на гробот на нашиот светец и херој Гоце Делчев. Сега Зоран Заев и неговите колеги се тука, за да се поклониме и положиме венци пред споменикот на Гоце Делчев, истакна Борисов, потсетувајќи дека со македонскиот премиер на 24 мај во Рим заедно го чествувале и Денот на браќата Кирил и Методиј.
Во својот говор бугарскиот премиер го поздрави и Договорот меѓу Македонија и Грција и исчекорот што го направиле премиерот Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас за решавање на спорот за името за кој, рече, се надева дека ќе заврши. Борисов наведе и дека договорите ќе и донесат на Македонија сигурност и дека земјата веќе добила датум во 2019 да ги почне преговорите со ЕУ и покана за НАТО.