Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев заедно со директорот на Дирекцијата на ТИР зоните Александар Младеновски и економскиот владин тим денеска остварија работна средба со претставници на германски компании од Бизнис асоцијација на Источна Германија, предводена од претседателот на асоцијацијата Михаел Хармс, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Норберт Герберих и претставник на Министерството за економија и енергетика на Сојузна Република Германија, Хелге Толксдорф.
Премиерот Заев,како што соопшти владината прес-служба, на германските стопанственици им ги пренесе позитивните пораки од историската средба на канцеларката Ангела Меркел на Република Македонија и потенцираше дека Сојузна Република Германија е најголем трговски и стратегиски партнер на Република Македонија со кој реализираме околу 47 отсто од вкупната трговска размена.
Во таа насока премиерот Заев додаде дека во Република Македонија работат голем број германски компании што веќе најавуваат нови инвестиции и проширување на бизнисите, а како позитивен момент за привлекување други нови инвестиции го наведе очекуваното членство на земјата како 30. земја членка во НАТО и започнатиот процес на преговори со ЕУ што ќе придонесе кон траен мир, стабилност на земјата и регионална сигурност.
-Сојузна Република Германија и вие како претставници на бизнис заедницата можете многу да и помогнете на Република Македонија за развој на економијата со вашето искуство, пренос на нови знаења и нови технологии. Заедничкиот мешовит управувачки комитет со Сојузна Република Германија чиј прв состанок ќе се одржи утре, очекувам да оствари големи резултати во насока на имплементација на стратегија за дуално образование која ќе даде позитивни ефекти за преквалификација на работоспособното население и негово апсорбирање на пазарот на трудот, соопшти премиерот Заев.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев порача дека германските компании се секогаш добредојдени во Република Македонија и изрази благодарност за иницијативата за формирање заеднички мешовит управувачки комитет.