Еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската унија, Јоханес Хан, се сретна со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
„Присуството на еврокомесарот Хан на седница на Владата, испраќа силен сигнал до сите во земјава дека европските перспективи на Република Македонија не се веќе далечен сон туку реалност на дофат“, изјави премиерот Заев на денешната прес-конференција која се одржа веднаш по владината седница на која присуствуваше и еврокомесарот Хан.
Премиерот нагласи дека е отворен важен реформски процес. Владата на Република Македонија заедно со комесарот Хан прецизирала документ за реформите кои треба да се спроведат.
„Имаме намера наесен Европската Комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на преговорите за влез во Европската Унија. Ако дејствуваме заеднички, успехот ќе биде заеднички“, додаде премиерот.
Еврокомесарот Хан ги пофали премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Оливер Спасовски, за огромните чекори што ги направија во изминатиот период на средбите со нивните колеги при посетата на Грција и на Бугарија.
„Повеќепати беше нагласена важноста за спроведување на реформите, меѓутоа не само за да се задоволат очекувањата на Европската Унија, туку овие реформи пред се треба да се спроведат за да се подобрат условите за живот на граѓаните на Република Македонија“, нагласи на прес-конференцијата Хан.
„Првпат присуствувам на седница на Влада на Република Македонија, се надевам ќе имам можност повторно да присуствувам, бидејќи сметам дека ако сакаме да ја постигнеме нашата заедничка цел ќе мора и заедно да работиме“, додаде Хан.
На агендата на Еврокомесарот попладнево се и средбите со лидерите на политичките партии.