Премиерот Никола Груевски во разговор со поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, во кој се вклучува и ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, зборуваат дека еден од подобрите предлози за решение во паралелниот преговарачки процес за името, надвор од Обединетите нации, за компромисно име е посложено дури и од референцата ФИРОМ, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Во разговорот што го објави Заев, Милошоски му предлага на Груевски дека најповолно за земјава би било пред Република да стои политичка одредница, од типот на Независна или Самостојна, додка географската одредница, како на пример Горна или Вардар, да се впише на крајот на композитното име во заграда, со што, според него, ќе се зачува целовитоста и неповредливоста на компонентата Република Македонија.
Во однос на тоа, Груевски коментира на што би личело такво име и дека тешко може да помине, на што од Милошоски добива реакција оти краткорочно може ќе биде осуден овој предлог, но долгорочно тој ќе биде успешен, бидејќи дава доволно аргументи и македонската и грчката страна да го продадат во својата јавност, а со тек на време географската одредница во заградата ќе отпадне.