Заев: Груевски и Јанкулоска знаеле дека на возилото на Младенов имало боја од друго возило!

by Фокус

Премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска одлучиле да ја скријат од јавноста информацијата дека на возилото на основачот на неделникот Фокус Никола Младенов имало боја од друго возило, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев, кога најавуваше телефонски разговор меѓу Јанкуловски и нејзиниот помошник за односи со јавност Иво Котески, како и смс кореспонденција меѓу министерката за внатрешни работи и премиерот Груевски.

– Котески ја информира Јанкулоска дека во задниот дел на автомобилот на Младенов имало некаква боја за која вештаците на МВР не можат да кажат колку е стара. Котески вели дека оваа информација, која фрла сомнеж врз целиот случај, не смее да излезе во јавност зашто можела да донесе многу заблуди, а Јанкулоска се сложува дека таа треба да се држи во тајност. За ова знаел и Груевски, бидејќи Јанкулоска го информира дека на колата имало боја од друга кола – рече Заев.

Тој додаде дека државните органи ја знаеле цела траекторија по која се движел Младенов ноќта кога загинал, бидејќи УБК ја утврдил преку базните станици на мобилните оператори, но, сепак, не ја споделиле со јавноста.

– Котески признава дека на увидот не било се подигнато, мислејќи на фискалните сметки најдени од новинарот Томислав Кежаровски, но за Јанкулоска тие се неважни, а траекторијата на движење на автомилот не е информација што треба да ја дознае јавноста. Зошто фискалните не биле причина за дополнителна истрага со кого се сретнал Младенов и дали тоа е поврзано со сообраќајката? Се поставува прашањето зошто не работеле сигурносните камери? – посочи лидерот на СДСМ.

Поврзани новости