Да не заборавиме колку е кревка демократијата и никогаш повторно да не се вратиме во мрачното минато. Заеднички имаме светла иднина. Одговорноста за тоа во каква држава живееме и ќе живееме е на сите нас. Да продолжиме напред, гласно и слободно, отворени кон светот, напиша денеска премиерот Заев на својот Фејсбук профил по повод 15 септември, Меѓународниот ден на демократијата.
Премиерот нагласи дека речиси три децении градиме демократски институции и вредности, постојано и внимателно, низ славења и премрежја.
-Владеењето на правото, слободата и еднаквоста на сите граѓани, правото да се слушне и најтивкиот глас и да му се даде на значење во медиумското опкружување кое е слободно и разнолико, е основата врз која го градиме нашето општество, порача Заев.
Пред неколку години, додава тој во објавата, се соочивме со заробена држава, демократијата беше деградирана, а можноста да се учествува беше оставена на мала, привилегирана група луѓе.
-Сега е поинаку, членка сме на НАТО, чекориме забрзано кон ЕУ. Политичките процеси се отворени за секого, транспарентни и инклузивни. Граѓаните повеќе не шепкаат туку говорат гласно, вели премиерот, кој упати честитка по повод Меѓународниот ден на демократијата.