Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев им се обрати на граѓаните кои гласале за Блерим Река и за оние кои не излегле да гласаат, повикувајќи ги во вториот круг да гласаат за Стево Пендаровски.
-Ни требате, не за да ве носиме дома, за државата наша ни требате, за Стево Пендаровски, ни требате затоа што седењето дома не е алтернатива, Гордана Силјановска, пу пу пу, не е никаква алтернатива. Заедно сплотени, здружени, гледајќи напред да бидеме дел од европскиот развиен свет, доста бевме последната дупка на кавалот – рече Заев од синоќешната трибина во Тетово.
Заев потсети дека во декември се очекува Македонија да добие полноправно членство во НАТО, а ова лето да почнат преговорите со ЕУ.
-Ве уверувам Гордана Силјановска се бори за тоа што сонува Мицкоски, а Мицкоски сонува тоа што Груевски му кажува, односно амнестија за Груевски да се врати назад. Е нема амнестии повеќе во државата. Правдата и законот да бидат еднакви за сите, тоа е императив и ќе го исполниме во оваа наша земја. Економскиот стандард има да го дигнеме, има да си ги сочуваме овие наши млади луѓе да останат овде, има да создадеме држава која ќе биде доволно мотивирачка за овде да се прави планот на живот, да се вратат тие што заминале, затоа што никаде не е како родното огниште. Сега немаме никакви проблеми од надвор, сега работите зависат од нас – рече Заев.
Тој ја обвини Силјановска дека била пасивна во време кога беше затворена А1 телевизија.
-Ја немаше да гугне кога се затвораше А1 телевизија и кога се боревме против режимот. Гордана Силјановска ја немаше никаде, а тврди дека се бори за правда, правна држава, граѓански концепти, вредности. Нема „в“ од вредности само пуста амбиција што ја има Мицкоски, овој премиер да стане, а таа претседател. Мало сутра. Седење дома е буквално давање шанса на Силјановска, Мицковски и Груевски. Ако излеземе да гласаме таа шанса им ја тргаме. Затоа е важно да излеземе сите – додаде Заев.
Според него резултатите од првиот круг покажале дека гласовите на ВМРО-ДПМНЕ се намалиле за околу 35.000 во споредба со 2017.
-Падната е опозицијата, точно е дека и ние паднавме, но ја разбравме пораката. Еден дел од граѓаните прецизно ни ја испратија пораката. Но не отидоа да гласаат за опозицијата. Останаа дома и сега чекаат. Пораката е сфатена. Ова не е куртоазија поради избори. Јас знам дека ќе победиме, но знам и дека слабостите мора да ги корегираме. Пресуди ќе паѓаат и за социјалдемократите. Метла ќе има, тука нема дилеми. И некои се препознаа во ова и веќе се понудија. По изборите мора промени, видов каде се слабите карики – рече Заев.