На прашањето кој политичар заслужува најголема доверба, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се определиле 25,8 отсто од анкетираните, а за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, 24,8 отсто, покажува анкетата на телевизија „Телма“ и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Сега разликата изнесува еден посто, додека пред две години Никола Груевски имаше двојно поголема доверба кај граѓаните од Зоран Заев.
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, според анкетата има поддршка од 9 отсто од граѓаните, а по него е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со 6,1 отсто. Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ја има поддршката на 3,6 отсто од граѓаните, Билал Касами од Беса има поддршка од 3 отсто, додека 14,8 отсто рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар.
Анкетата е спроведена телефонски, по насилствата во Собранието на Република Македонија, во периодот од 10 до 15 мај, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници. Анкетата ја спровела агенцијата „М-Проспект“ на барање на „Телма“ и на МЦМС.